МНР реагира за приемот на Ива Михајлова во Софија: „Се испраќа сериозно погрешна порака“

Балкан, Македонија, Политика, Хроника

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија реагираше во врска со бегството на Ива Михајлова во Бугарија и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, оценувајќи дека ваквото постапување на бугарските институции ги поткопува напорите за градење доверба и добрососедски односи.

„Приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака. Националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции. Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите“, соопшти МНР.

Од Министерството посочуваат дека од Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваат почитување на судските постапки, соработка меѓу надлежните институции и еднаквост пред законот.

„Постапките што создаваат впечаток на институционална заштита од судска одговорност се неспоиви со тие принципи. Владеењето на правото не смее да биде селективно, ниту да зависи од националната припадност на поединецот“, се наведува во реакцијата.

МНР најавува дека за развојот на случајот ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.

Според Министерството, ваквите постапки, за кои посочуваат дека имало и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности.

„Остануваме посветени на развојот на добрососедските односи, засновани врз меѓусебно почитување, доверба и европски принципи. Истата одговорност ја очекуваме и од бугарската страна. Почитувањето на правдата не е прашање на политички избор, туку основна европска обврска“, порачаа од МНР.