Средба на Проданоски со прилепчанецот Оливер Димоски, заменик-градоначалник во Сиднеј

Македонија

Можностите за соработка и зајакнување на врските со македонските иселеници во Австралија беа тема на средбата меѓу градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, и Оливер Димоски, прилепчанец кој извршува одговорна функција во локалната самоуправа во Сиднеј.

Димоски е заменик-градоначалник на општината Џорџес Ривер (Georges River) и советник што ја претставува изборната единица Блејкхерст. Според официјалните информации на општината, за заменик-градоначалник бил избран на 2 септември 2026 година, со едногодишен мандат.

Проданоски во својата објава посочи дека Димоски во изминатите години бил и претседател на Прилепското друштво во Сиднеј, придонесувајќи за поврзувањето на иселениците со родниот град.

На средбата разговарале за можностите за воспоставување соработка, улогата на дијаспората во зачувувањето на врските со родниот крај и промоцијата на Прилеп.

„Мило ми е што прилепчани кои живеат и работат во Австралија преземаат одговорни функции и активно придонесуваат во општествениот живот, а истовремено ги негуваат врските со својот роден град“, истакна Проданоски.

Градоначалникот му посака успех на Димоски во извршувањето на функцијата и изрази надеж дека разговорот ќе отвори простор за натамошна соработка.

„Се надевам дека оваа средба ќе биде поттик за нови можности за соработка и зацврстување на врските меѓу Прилеп и нашите иселеници во Австралија“, порача Проданоски.