ДОДЕКА СУМ ЛИДЕР НА СДСМ, НА ВОДНО НЕМА ДА СЕ ИЗГРАДИ НИ ЕДНА ЦИГЛА – ОВА МУ ГО ПРЕНЕСОВ И НА ГЕРАСИМОВСКИ
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вели дека Деталниот урбанистички план (ДУП) „Барутана“ на Водно нема да се донесе додека е тој лидер на партијата. Филипче вчера, во гостувањето во емисијата „Директно“ на телевизија Телма, кажа дека за ваквиот став го информирал и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и во наредниот период за овој проблем ќе имаат координации.
Советниците на мнозинската СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Центар на 14 јули здружно го изгласаа Нацрт-деталниот урбанистички план „Барутана“ на Водно под Јужна обиколница, со што се овозможува во овој дел да се градат хациенди, за кои треба да се сече шума. Минатиот месец се одржа јавната анкета, по што сега треба конечната верзија на планот да биде ставена на усвојување на седница во Советот на Општина Центар.
„Сакам јасно и гласно да им порачам на граѓаните додека јас сум претседател на СДСМ во делот на Барутана на Водно една цигла нема да биде изградена. И овој став е координиран со градоначалникот и ќе го елаборираме на заеднички брифинг во следниот период. Ако таму има револт, апсолутно на крај памет не ми паѓа како партија да поддржиме нешто за што граѓаните сериозно се противат. И на крајот на краиштата, конечно да се разбие тезата која се шири ‘имале договор СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, таму имале плацеви компании блиски до ВМРО-ДПМНЕ‘. Апсолутно ниту мене ниту раководството на партијата тоа не нè интересира, главен приоритет е гласот и интересот на граѓаните“, рече Филипче.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во своето излагање до советниците на седницата кога беше усвоен Нацрт-планот кажа дека тие не носат нов план туку овие луѓе веќе имаат стекнато право на сопственост со планот донесен уште во 2002 година и Општината сега тие маркички не може да ги избрише.
„Мене целта не ми е да бранам некого туку да носам ДУП-ви за да не останат црни точки во Општината“, рече на 14 јули Герасимовски.
Со планот за Барутана се цртаат маркички за хациенти за кои треба да се сече шума. Станува збор за стрмен предел, па исто така треба да се гради улица и да се преместува главниот водовод, за што Општината ќе потроши повеќе пари од она што ќе го земе за комуналии. Исто така станува збор за ерозивно подрачје, а за планот Општината нема добиено мислење од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
