Нема повеќе графити низ Камениот мост – Генерално се чисти „срцето на Скопје“

Дали Знаете, СКОПЈЕ

Камениот мост и плоштадот „Македонија“ се чистат од графити, натписи и насобрана нечистотија, во рамки на тековните активности за уредување на централното градско подрачје.

Со употреба на специјални средства и чистење под притисок се отстрануваат графитите од површините на овие две препознатливи скопски локации, со цел да се врати нивниот уреден изглед.

– Плоштадот „Македонија“ и Камениот мост се лицето на нашиот град. Тука се среќаваат генерации, се пречекуваат гости и се создаваат спомени што остануваат за цел живот. Токму оттука многубројни туристи ја понесуваат својата прва слика за Скопје како град со душа, историја и препознатливо место на светската туристичка мапа. Затоа, овие симболи заслужуваат постојана грижа и внимание, порача градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски споделувајќи видео од центарот на Скопје.

Покрај чистењето, во завршна фаза се и активностите за архитектонско осветлување на Камениот мост, а се очекува повторно да биде ставена во функција и подната фонтана на плоштадот „Македонија“.

Активностите се дел од напорите за уредување на просторот во центарот на Скопје и зачувување на неговите препознатливи обележја, велат надлежните.