Мицкоски за избори порача: Мандатот е четири години, а ние сме подготвени и за предвремени

Македонија, Политика

Премиерот Христијан Мицкоски нема големи очекувања од претстојната средба на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со бугарската министерка Велислава Петрова во Софија, оценувајќи дека во овој момент може да се очекува дијалог, но не и конкретен резултат.

„Не очекувам потврда, не очекувам ништо. Очекувам некој дијалог и тоа отприлика“, рече Мицкоски, одговарајќи на прашање што очекува од разговорите во Софија.

Премиерот рече дека не планира да повика лидерска средба и повтори дека Владата работи со намера да го заврши целиот четиригодишен мандат.

„Јас не мислам дека има предвремени избори. Не знам кој има дилема. Тој што има дилема, Парламентот е местото, може да си побара, а ние, се разбира, секогаш сме подготвени за избори“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека Собранието е институцијата во која може да биде покрената иницијатива за негово распуштање доколку опозицијата смета дека треба да има предвремени избори.

„Јас сум бил многу прецизен досега во десетици мои изјави и повторно ќе бидам прецизен – оваа Влада има мандат четири години и ние работиме за мандат од четири години“, рече премиерот.

Според него, доколку опозицијата смета дека Владата нема поддршка од граѓаните и дека нејзините политики се погрешни, може да побара распуштање на Собранието.

„Ако се тие толку сигурни дека тоа што ние го правиме е лошо и не го поддржуваат граѓаните, слободно можат во Парламентот да покренат иницијатива за распуштање и тоа е тоа“, порача Мицкоски.

Тој додаде дека владејачкото мнозинство е подготвено за избори доколку такво прашање биде отворено во Собранието, но повтори дека планот на Владата останува четиригодишен мандат.