Ампева: Ако Европа ни е пример за празниците, нека ни биде пример и за платите
По предлогот на Стопанската комора за промени во Законот за празниците и намалување на бројот на неработни денови, со реакција се огласи граѓанската активистка и претседателка на „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева.
Стопанската комора предложи бројот на неработни денови да се намали, односно работниците да имаат можност да изберат два дополнителни неработни денови од празниците кои не важат за сите граѓани. Воедно, се предлага празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат како неработен ден во понеделник. Предлогот наиде на спротивставување од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Во својата реакција, Ампева се осврнува на аргументот дека Македонија има повеќе празници во споредба со други европски земји и посочува дека, доколку се прават европски споредби, тие треба да ги опфатат и платите и работничките права.
„Кога веќе Стопанската комора реши да не споредува со Европа и да објаснува дека имаме многу празници, ајде тогаш да се споредиме со Европа до крај. Не само таму каде што им одговара“, пишува Ампева.
Таа посочува дека во Македонија во 2026 година има 11 неработни празници што важат за сите граѓани.
„Оние фамозни големи бројки на празници што денес се споменуваат во јавноста не значат дека еден работник има толку многу слободни денови. Туку се ставени и празници што важат за различни верски и етнички заедници. Кои во приватниот сектор не се ни даваат. Најголем процент. А не се ни плаќаат“, наведува таа.
Ампева прави споредба и со бројот на празнични датуми во други европски земји. Според податоците што ги наведува, Романија има 16 празнични датуми, Бугарија 15, Чешка, Словенија и Шведска по 13, додека Франција има 11.
Но, според неа, споредбата со Европа не треба да заврши со бројот на неработни денови.
Ампева ги споредува и минималните плати, наведувајќи дека во Македонија таа изнесува околу 626 евра бруто, додека во Хрватска е 1.050 евра, во Словенија 1.278, во Франција 1.823, во Германија 2.343, во Ирска 2.391, а во Луксембург 2.704 евра.
„Па кога веќе бараме да бидеме како Европа, ајде и тука да бидеме како Европа“, порачува Ампева.
Таа во објавата го отвора и прашањето колку компании во земјава навистина ја плаќаат прекувремената работа и работата на празник, како и колку работници ги добиваат правата што им следуваат со закон.
„Колку работници си го добиваат она што законски им следува, а колку само си молчат затоа што знаат дека ако се побунат утре може да останат без работа“, прашува Ампева.
Посебен дел од нејзината реакција се однесува на бремените работнички. Таа посочува на случаи во кои жените остануваат без продолжен договор откако ќе соопштат дека се бремени или се тргнати од работа во период кога им е потребна сигурност.
„Не зборуваме за измислен проблем. Толку е присутен што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација мораше да донесе општа препорака за заштита на жените од дискриминација поради бременост, раѓање и мајчинство“, наведува таа.
Ампева го поставува и прашањето за животниот стандард на работниците и за тоа што реално може да си дозволи едно семејство со една плата.
„Колку му останува откако ќе плати храна, струја, кирија или кредит, лекови, превоз, училиште за децата? Колку семејства можат да живеат со својата плата и пресметуваат дали овој месец ќе има за сè?“, пишува таа.
Според Ампева, доколку европските земји се земаат како пример, тогаш европските стандарди треба да се гледаат пошироко од бројот на празници.
„Европа не е само помалку празници. Европа е и повисока плата. Европа е платен прекувремен труд. Европа е платена работа на празник. Европа е заштита на бремена работничка. Европа е достоинствен живот од сопствената работа“, порачува Ампева.
Таа на крајот директно се осврнува на начинот на кој се користат споредбите со европските земји:
„Ако веќе ја земаме Европа за пример, ајде да не ја земаме само тогаш кога треба нешто да му се одземе на работникот. Ајде да ја земеме цела!“
