Темелно чистење на најзначајните симболи на Скопје
Камениот мост и плоштадот „Македонија“ во Скопје се опфатени со активности за темелно чистење, при што се отстрануваат графити, натписи и насобрана нечистотија од овие две централни градски локации.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека активностите се дел од напорите за подобрување на изгледот и одржувањето на просторот во центарот на градот.
„Во тек е темелно чистење на Камениот мост и плоштадот „Македонија“, кои се лицето на нашиот град. Тука се среќаваат генерации, се пречекуваат гости и се создаваат спомени што остануваат за цел живот“, истакна Ѓорѓиевски, посочувајќи дека овие локации се меѓу препознатливите симболи на Скопје.
За чистењето се користи специјално средство и опрема за чистење под притисок, со што треба да се отстранат нечистотиите и натписите од површините.
Во меѓувреме, привршуваат и активностите за архитектонско осветлување на Камениот мост, а најавено е и повторно пуштање во употреба на подната фонтана на плоштадот „Македонија“, која подолг период не беше во функција.
Од Град Скопје велат дека со овие активности централниот градски простор треба да добие поуреден изглед.
