Штипјанецот Димитар Пилешков со велосипед до Острог и назад: 960 километри, голем предизвик и подвиг за паметење
Штипјанецот Димитар Пилешков направи голем спортско-рекреативен подвиг, откако со велосипед помина околу 960 километри на релација од Штип до манастирот Острог во Црна Гора и назад до Штип.
Пилешков, кој е фудбалски судија и припадник на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), заедно со својот другар Дарио тргнал во предизвикот кој бил поделен во неколку етапи и минувал низ повеќе места и држави.
Првата релација била од Штип до Феризај, во должина од 130 километри, каде што Пилешков и Дарио преноќиле. Следната етапа била од Феризај до Беране, по што следувал одмор. За вториот ден од патувањето, Пилешков вели дека условите на почетокот биле одлични, но подоцна ги пречекал дожд.
„Вториот ден Феризај – Беране, потешка тура, почетокот временските услови беа идеални за возење, потоа не фати дожд кон граничниот премин Кула, но што направивме пауза на бензинска станица“, вели Пилешков.
Третата рута била од Беране до Острог, а токму оваа етапа била една од најтешките поради големата висинска разлика и долгата километража.
„Третиот ден дистанца Беране – Острог условите наутро беа идеални, со тоа што Дарио имаше проблем со коленото. Беране – Острог исто тешка тура со доста елевација околу 2300-2400 метри качување позитивно околу 160 километри“, вели Пилешков.
Димитар и Дарио во неделата, на Крстовден, пристигнале до крајната цел – манастирот Острог.
„Неделата беше Крстовден, многу народ, се качивме до манастирот, не пречекаа одлично. Тука спиеме, Дарио вечерта се пожали на болки во коленото“, раскажува Пилешков.
Поради повредата на коленото, Дарио не можел да продолжи со велосипед и се вратил во Штип со автобус. Пилешков, пак, решил да продолжи сам, па следувала рутата од Острог до Тирана, во должина од 215 километри. Следната етапа била специфична и поради проблемите со батериите на велосипедот.
„Острог – Тирана 215 километри околу 1200 метри позитивна елевација, услови идеални. Имав проблем со батериите бидејќи имам електронски менувачи и до Тирана застанував на секоја бензинска станица да барам батерии. Ги променив батериите и стигнав во апартманот во Тирана“, вели Пилешков.
По Тирана следувала претпоследната рунда од патувањето – Тирана до Брвеница, тетовско, во должина од 175 километри. И покрај заморот и големата километража зад себе, Пилешков решил да продолжи до крај, а на патот го пречекале и неговите колеги од ЕБР.
„Се чувствував добро имав сила и одлучив да одам до крај, во Брвеница ме пречекаа моите колеги од ЕБР“, дополнува Пилешков.
Последната етапа била од Тетово до Штип, во должина од 148 километри. При пристигнувањето во Штип, Пилешков бил пречекан од своето семејство, најблиските пријатели и другари.
„Од таму последна дестинација Брвеница – Штип и еве денес тука сум со оваа прекрасна екипа. Вкупната километража за целиот подвиг околу 960 километри. Идејата беше на колегата точкачија Дарио“, дополнува Пилешков.
Целта на целиот подвиг била рекреативна, но предизвикот кој си го поставиле Димитар и Дарио бил сериозен – со велосипед да стигнат до манастирот Острог и назад, поминувајќи стотици километри, високи превои и различни временски и теренски услови. На крајот, Пилешков успешно го завршил предизвикот и зад себе оставил пат од околу 960 километри – подвиг кој сигурно ќе остане запаметен како едно поинакво спортско доживување.
