ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ ОТКРИВА НЕПРАВИЛНОСТИ КАЈ ТЕНДЕРИТЕ Кои новини ги носат измените во Законот за јавни набавки

Македонија

Со измените во Законот за јавни набавки, усвоени вчера во Собранието, Бирото за јавни набавки добива дополнителни надлежности за развој и користење дигитални алатки, вклучително и решенија засновани на вештачка интелигенција, за автоматизирано следење и откривање неправилности и ризици во постапките. Се предвидува и воспоставување веб-сервиси за размена и обработка на податоци.

Во македонското Собрание вчера со 63 гласа „за“ и 20 „против“ повторно беа изгласани измените на Законот за јавни набавки. На истите измени претходно стави вето претседателката Гордана Сиљановска Давкова, поради член кој предвидува дека претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки се именуваат за период од пет години и имаат право на реизбор. Пред да бидат повторно изгласани измените на Законот, пратениците од власта поднесоа амандман со кој го избришаа спорниот член што го посочи претседателката.

Една од позначајните новини во Законот е задолжителното користење на критериумот „најдобар сооднос меѓу цената и квалитетот“ кај јавните набавки со повисока вредност. Со ова институциите нема автоматски да се водат само од најниската цена, туку ќе треба да ги земат предвид и квалитетот и другите карактеристики на понудите. Предвидено е институциите што планираат повеќе од три набавки со вредност над 130.000 евра годишно задолжително да спроведат најмалку три постапки со овој критериум.

Измените предвидуваат и проширување на можностите за користење на Електронскиот пазар за набавки од мала вредност, како и зголемување на прагот за ваквите набавки до 20.000 евра. Вкупната вредност на набавките под законските прагови кај одредени договорни органи се ограничува на 25.000 евра во текот на годината.

Се менува и начинот на продолжување на важноста на потврдите за службениците за јавни набавки. Наместо повторно полагање испит, ќе биде потребно континуирано професионално усовршување од најмалку 21 час во период од три години.

Кај постапките со преговарање без објавување оглас се укинува обврската за претходно мислење од Бирото за јавни набавки, но се воведува задолжително објавување известување за доброволна претходна транспарентност во законски утврдените случаи

Измените предвидуваат и зголемување на надоместоците за жалбена постапка, со образложение дека на тој начин треба да се намали бројот на неосновани жалби и да се подобри ефикасноста на правната заштита.