Конечно објавен договорот со „Икарус“ – Стоте електрични автобуси треба да возат низ Скопје најдоцна до март 2028

Дали Знаете, СКОПЈЕ

Првите нови електрични автобуси во Скопје треба да пристигнат до почетокот на март, па скопјани конечно можат да се надеваат дека можеби постепено ќе се подобрува состојбата со јавниот превоз во главниот град. Со колав број возила ќе се поднови дотогаш јавниот превоз уште не се знае, но во секој случај би требало да се намали малтретирањето на граѓаните што секојдневно користат автобуси за превоз до работното место или училиште, долгите чекања по станиците и превозот во возила што се пред „умирање“.

Колку реално ќе се зголеми бројот на автобуси што ЈСП на дневно ниво ќе ги пушта по градските улици, всушност ќе се види по година и пол, кога треба да пристигнат сите 100 автобуси наменети за главниот град, затоа што тогаш ќе треба да ги тргне од употреба оние возила што сега од „немајкаде“ се дел од јавниот превоз.

По неколку неуспешни тендери за набавка на нови автобуси, последниот помина успешно и резултираше со договор со унгарската фирма „Икарус електрик“, која достави групна понуда заедно со „Зонгтонг бас холдинг“ и ЕВН Македонија Електроснабдување.

Но, иако уште на крајот од јули на Електронскиот систем за јавни набавки Министерството за транспорт објави дека е избран најповолниот понудувач за оваа набавка, иако потоа и министерот Александар Николоски и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се пофалија дека роковите за испорака течат, досега немаше потврда дека договорот е склучен.

Откако повеќепати во изминатиот месец се обидовме да дознаеме што се случува со договорот и дали воопшто е склучен, од Министерството стигна одговорот откако вчера конечно беше овој документ беше објавен договорот на ЕСЈН.

Ве информираме дека Договорот за јавна набавка на 150 автобуси и 75 станици за полнење е склучен на 9.9.2026 година и е веќе објавен на ЕСЈН. Единечна цена за електричен автобус изнесува 19.796.923,97 денари без ДДВ или 321.958,27 евра. Избраната компанија е обврзана првите 30 електрични автобуси и 15 станици за полнење да ги достави во рок не подолг од шест месеци од денот на склучување на Договорот – велат од Министерството.

Според наведеното во Договорот, носителот на набавката треба да ги испорача автобусите и станиците за полнење според одредена динамика – првите 30 автобуси и 15 станици во рок не подолг од шест месеци од денот на склучување на договорот, значи најдоцна до 9 март 2027 година, наредните 60 автобуси и 30 станици до 9 септември 2027 година и преостанатите автобуси и станици најдоцна до 9 март 2028 година.

Неизвесно е со која динамика ќе пристигнуваат автобусите во главниот град, затоа што 50 од набавените ќе бидат испратени во други градови низ државата каде што има организиран јавен превоз.

За секое доцнење од предвидената испорака, ќе се пресметува договорна казна од 0,1 отсто од вредноста на неиспорачаните автобуси и станици и тоа за секој ден задоцнување.
Договорните казни ќе се пресметуваат за задоцнување од најмногу 30 дена по истекот на договорениот рок. По истекот на овој период договорниот орган има право да го раскине договорот и да ја активира гаранцијата за квалитетно извршување.

Покрај ова, „Икарус“ треба да осигури дека до времето на пристигнувањето на првите автобуси ќе биде инсталиран соодветен број станици за полнење.

Предвидениот рок, според договорот, може да се пролонгира само во околности на виша сила, при значајни промени во проектот по барање на Министерството за транспорт и слично.

Набавката на автобусите ќе ја чини Владата односно Министерството за транспорт точно 3.682.728.085 денари со ДДВ или околу 60 милиони евра.

Плаќањето ќе се реализира во рок од три години, и тоа годинава на „Икарус“ ќе му се исплатат нешто повеќе од 5 милиони евра, а наредните две години, односно во 2027 и 2028 година, по речиси 23 милиони евра.