Коњановски: Новата еко училница е пример како училиштата можат да создаваат поинаква средина за учење
Земјоделското училиште „Кузман Шапкарев“ денес го претстави успешно реализираниот проект „Зелена еко училница“, проект поддржан преку програмата „Апшифт“ за подобрување на училишната средина, а реализиран од колективот и учениците.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој ја посети оваа училница беше информиран дека целта на проектот беше да се создаде простор каде учениците ќе можат да учат, да се дружат и да развиваат еколошка свест во природна средина.
На училиштето и недостасуваше уреден надворешен простор за настава на отворено, практична работа, едукативни активности поврзани со природата и земјоделството и затоа одлучиле да ја изградат оваа зелена еко училница во дворот на училиштето.
Преку овој проект учениците научија и како е да се работи во тим, како да се планираат и реализираат идеите, како да се преземе одговорност, како и тоа колку е важна грижата за животната средина.
Во иднина планираат засадување дополнителни растенија и дрвја, организирање еколошки работилници, поставување информативни табли за растителниот свет.
