Со возило удрил во полицаец при обидот да избега – МВР со детали за директорот од „Царина“ фатен со мито

Македонија, Хроника

Помошник-директор во Царинската управа на Република Северна Македонија е лишен од слобода под сомнение дека во повеќе наврати побарал и примил вкупно 17.500 евра од граѓанин, соопшти Министерството за внатрешни работи. При обидот да биде запрен, тој со возилото удрил полициски службеник и службено возило, по што се обидел да избега.

– На 10 септември, во близина на клучката Желино, на автопатот Скопје-Тетово, полициски службеници, постапувајќи под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, го лишиле од слобода Џ.И. (63) од Шипковица, Тетово. Вчера, Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против него до ОЈО за ГОКК за кривичните дела „примање поткуп“ по член 357 и „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 од Кривичниот законик, соопштија од МВР.

Според МВР, во периодот од април до септември 2026 година, пријавениот во повеќе наврати побарал вкупно 17.500 евра од граѓанин кој го пријавил случајот.

Од износот, 7.500 евра наводно побарал и ги примил во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Целта, според пријавата, била договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување.

Дополнително, тој побарал уште 10.000 евра за да го искористи своето реално влијание во постапка за јавна набавка која се наоѓала пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Намерата, според МВР, била по враќањето на постапката на повторно одлучување во Царинската управа да влијае врз изменување на критериумите во техничката спецификација во корист на правното лице.

На 10 септември, на претходно договорена средба, пријавениот го примил побараниот износ од 17.500 евра, по што се упатил кон Тетово.

Во близина на клучката Желино, полициски службеници се обиделе да го сопрат, но тој не застанал. Со возилото удрил полициски службеник и службено возило, по што се дал во бегство. При тоа, преку прозорецот од совозачката страна исфрлил машка ташна во која биле парите.

По кратко време, полициските службеници го сопреле возилото, а Џ.И. бил лишен од слобода.

За случајот понатаму ќе постапува надлежното обвинителство.