Беше дива депонија! Ново Лисиче добива нов голем парк со околу 1.000 дрвја
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, го означија почетокот на изградбата на новиот парк во Ново Лисиче, во непосредна близина на ФФМ и последната станица на „5-ка“.
– Ново Лисиче добива нов парк од 71.000 м² – запуштениот простор станува зелена гордост на Скопје! Таму каде што со години имаше дива депонија, создаваме простор за живот, за детски насмевки, за прошетки и за дружење меѓу генерациите. Место кое повторно ќе им припаѓа на граѓаните, исполнето со зеленило! – објави Ѓорѓиевски на својот официјален фејсбук профил и додаде дека оваа голема зелена целина ќе стане омилено место за одмор и рекреација на сите посетители.
Околу 1.000 дрвја, од кои повеќе од 800 листопадни, а останатите зимзелени, ќе бидат засадени во рамки на нов парк во Скопје. Просторот ќе биде опремен и со пристапни патеки, детски катчиња, како и места за одмор и дружење.
„Секое ново дрво е влог во почист воздух, повеќе сенка и поздрава средина за нашите деца“, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
