Општина Прилеп: Започна собирањето предлози за наградите „3-ти Ноември“

Македонија

Општина Прилеп: Отворен повик за предлози за наградите „3-ти Ноември“ и признанието за животно дело

Општина Прилеп започна со прибирање предлози за доделување на општинските награди и признанија „3-ти Ноември“, како и наградата за животно дело, по повод одбележувањето на празникот на Општина Прилеп – 3 Ноември.

Наградите се доделуваат на физички и правни лица кои имаат остварено значајни достигнувања во општествениот, стопанскиот, културно-уметничкиот и политичкиот живот, како и на оние кои дале особен придонес во развојот и афирмацијата на Општина Прилеп.

Право да поднесат предлози имаат претпријатија, здруженија, граѓани и други заинтересирани субјекти. Предлозите треба да бидат соодветно образложени и аргументирани, со конкретно наведени достигнувања и придонеси на кандидатот во определената област.

При разгледувањето ќе се земаат предвид остварувањата во периодот од 3 ноември 2025 година до денот на поднесување на предлогот.

За наградата за животно дело може да бидат предложени кандидати кои подолг период се истакнувале со значајни резултати и особен придонес во својата област.

Предлозите се доставуваат до Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници при Советот на Општина Прилеп, преку приемното одделение во Општина Прилеп или на адреса: улица „Прилепски бранители“ број 1, Прилеп.

Крајниот рок за доставување на предлозите е 9 октомври 2026 година.

Од Општина Прилеп ги повикуваат граѓаните, организациите и институциите да предложат личности и субјекти кои со својата работа, резултати и ангажман оставиле значаен белег во развојот и афирмацијата на градот.