Проданоски: Новиот погон на WIK носи до 300 работни места за прилепчани
Нова инвестиција и до 300 нови работни места се очекуваат во Прилеп со проширувањето на производните капацитети на компанијата WIK во ТИРЗ Прилеп.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска присуствуваше на отворањето на новиот погон на компанијата, која веќе е присутна во градот и продолжува да ги зголемува своите производни капацитети.
Според Проданоски, со достигнувањето на полниот производен капацитет на погонот се очекува отворање на до 300 нови работни места за прилепчани. Тој оцени дека станува збор за нови можности за младите, зголемување на семејните приходи и поголема економска сигурност за граѓаните.
Особено значајно, како што посочи градоначалникот, е што производството на WIK е поврзано со циркуларната економија, рециклирањето и повторното искористување на материјалите.
„Ова е уште еден доказ дека ТИРЗ Прилеп е место каде што се создава реална економска вредност, а градот добива нови производни капацитети, нови работни места и нова перспектива за економски развој“, истакна Проданоски.
Тој нагласи дека Општина Прилеп останува партнер на компаниите и инвеститорите и ќе продолжи да работи на создавање услови за нови инвестиции, развој на локалната економија и отворање нови можности за граѓаните.
„Секоја нова инвестиција е чекор напред за Прилеп“, порача градоначалникот Проданоски.
