Имаат само 16 и 17 години, а покажаа голема хуманост: Лука и Дони израдуваа првачиња во Бутел

Дали Знаете, Македонија

Младите Лука Јоакимовски (16) и Дони Божинов (17), кои се дел од организацијата на Меморијалниот турнир „Златко Божинов – Божо“, реализираа хуманитарна акција во пресрет на новата учебна година.

Тие донираа училишни ранци и комплетен училишен прибор за првачињата од македонската паралелка во ООУ „Панајот Гиновски“ во Општина Бутел.

Во рамки на хуманитарната акција биле обезбедени и дополнителни пакети за семејство од скопската населба Чаир.

Лука и Дони веќе петта година учествуваат во организацијата на Меморијалниот турнир „Златко Божинов – Божо“, кој се одржува во спомен на Златко Божинов.

Со оваа акција младите организатори сакаат да испратат порака дека спортот и заедништвото можат да бидат поттик и за хуманост и помош на оние на кои им е потребна.

Нивната иницијатива е уште еден пример дека и младите можат активно да придонесуваат во заедницата и преку мали, но значајни дела да направат разлика.