Граѓаните наскоро ќе го добијат повратот од Мој ДДВ, до 2.100 денари по корисник

Дали Знаете, ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Граѓаните кои во текот на јули, август и септември 2026 година скенирале фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“, треба да го добијат повратот на дел од платениот данок најдоцна до 30 ноември.

Максималниот поврат изнесува 2.100 денари по корисник, додека конечниот износ зависи од бројот на скенирани и прифатени фискални сметки и висината на пресметаниот ДДВ.

Според важечките правила, за македонските производи и услуги се враќаат 20 проценти од пресметаниот ДДВ, а за останатите производи и услуги 10 проценти. Доколку четири члена на едно семејство го остварат максималниот поврат, вкупниот износ може да достигне 8.400 денари за едно тримесечје.

Од Управата за јавни приходи засега не е објавен точниот датум на исплатата, која треба да се реализира во законски утврдениот рок.

Пред исплатата, корисниците треба да проверат дали во апликацијата имаат внесено точни и ажурирани банкарски податоци, особено доколку во меѓувреме ја смениле банката или трансакциската сметка, за да избегнат евентуално доцнење на средствата.