ФЕРОИНВЕСТ СО НАЈГОЛЕМА ЖЕТВА НА ПЧЕНКА ДОСЕГА ЗА БИОГАСНАТА ЕЛЕКТРАНА ВО САРАМЗАЛИНО

Македонија

Компаниите од групацијата ФЕРОИНВЕСТ годинава ја реализираа својата најголема жетва на пченка досега на земјоделските површини во Овчеполието, со најдобри резултати од почетокот на земјоделското производство на овие локации, како во однос на приносот по хектар, така и во однос на квалитетот.

Жетвата е реализирана на површина од околу 250 хектари, на земјоделските површини на Сарамзалино Аграр, Ерџелија Полјоделство и Агриа. На површините е поставен систем за наводнување „капка по капка“, кој овозможува поефикасно и контролирано користење на водата и создавање подобри услови за земјоделското производство.

И покрај тешките временски услови во текот на сезоната, постигнатите резултати се за повеќе од 20 проценти подобри во однос на минатата година.

Жетвата се изведува целосно со сопствени капацитети на Ерџелија Полјоделство и Сарамзалино Аграр, со современа земјоделска механизација, меѓу која и современ силажен комбајн John Deere 8800.

Произведената пченкарна силажа се користи како суровина за биогасната електрана Биоентерпрајз во Сарамзалино, општина Лозово, каде преку процес на анаеробна ферментација се произведуваат биогас и електрична енергија.

Поврзувањето на современото земјоделско производство со производството на енергија од обновливи извори е дел од интегрираниот модел што ФЕРОИНВЕСТ го развива во Сарамзалино. Инвестициите во системи за наводнување, современа механизација и унапредување на земјоделското производство придонесуваат за поголема продуктивност и обезбедување квалитетна суровина за производство на енергија од биогас.