Ослободителна пресуда за Никола Груевски во случајот „Талир“: Апелација ја потврди одлуката на Кривичен

Македонија, Политика

Никола Груевски останува ослободен во предметот „Талир“, откако Апелациониот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје.

Одлуката е донесена денеска, 26 август 2026 година, по одржана нејавна седница на која Апелациониот суд ги разгледал списите од предметот, во јавноста познат како „Талир“, а го имал предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, објави 4news.mk

Во образложението, судот оценил дека дејствијата што ги преземал обвинетиот Н.Г. од С., како одговорно лице во правното лице, биле во рамките на неговите овластувања.

Апелациониот суд утврдил и дека Основното јавно обвинителство Скопје не обезбедило докази со кои би се потврдило дека постапувањето на обвинетиот било спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.

Според судот, обвинителството не успеало да докаже надвор од разумно сомневање дека ГП „Бетон“ во моментот кога биле склучувани договорите со политичката партија имал својство на субјект кој вршел јавни услуги во смисла на Законот за финансирање на политичките партии.

Оттаму, Апелациониот суд оценил дека не постоела законска забрана „Бетон“ да донира средства на политичката партија, ниту, пак, постоела обврска обвинетиот како одговорно лице на политичката партија тие средства да ги врати, објави 4news.mk

Со ваквата одлука, второстепениот суд ја потврди првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, со која Груевски беше ослободен од обвинението во предметот „Талир“.

Апелациониот суд најави дека јавноста дополнително ќе биде информирана за објавувањето на целосната одлука. Пресудата ќе биде достапна на веб-страницата на судот, согласно Законот за судовите и Законот за управување со движењето на предметите во судовите.