ВЛАДАТА ТРГНУВА ВО ОФАНЗИВА: Нови клинички болници во Штип и Тетово, нов Клинички центар во Скопје – КОНЕЧНО инвестиции во здравството

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со инвестиции во здравствениот сектор, со фокус на изградба и реконструкција на здравствени установи, набавка на современа медицинска опрема и подобрување на условите за пациентите, соопшти партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, во тек е реализацијата на Клиничките болници во Штип и Тетово, како и проширувањето на Здравствениот дом во Кичево. Во план се и изградба на студентски дом и Факултет за медицински науки, за кои, како што наведува партијата, веќе постои интерес од потенцијални финансиери.

Еден од поголемите проекти што се разгледуваат е изградбата на нов Клинички центар во Скопје. Како можна локација се посочува просторот кај спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Планот, според соопштението, предвидува современ здравствен комплекс кој би бил поврзан со Градската општа болница „8 Септември“ преку топол подземен премин. Во рамки на поширокиот комплекс би се вклопиле и ПЕТ-центарот и поликлиниката „Букурешт“.

Паралелно со најавите за нови инвестиции, од партијата посочуваат дека се реализираат реконструкции и во постојните здравствени установи. Во ГОБ „8 Септември“ биле реконструирани оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, лабораторијата и кровот, додека во Старата градска болница била обновена трауматологијата.

Во Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК), според ВМРО-ДПМНЕ, биле вложени 110 милиони денари за реконструкција и набавка на опрема. Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се обновени шест операциони сали, а дополнителни четири се очекува да бидат ставени во функција.

Од партијата додаваат дека досега се реконструирани повеќе од десет здравствени објекти и клиники, а набавена е и современа медицинска опрема во вредност од неколку милиони евра.

Најавите за нови здравствени проекти и реконструкцијата на постојните капацитети, според владејачката партија, треба да придонесат за создавање посовремен здравствен систем и подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал.