Собранието со демант: Нема приватно здравствено осигурување за пратениците и вработените

Македонија

Собранието на Република Северна Македонија демантира дека обезбедува или плаќа приватно здравствено осигурување за пратениците и вработените во Собраниската служба, откако во повеќе медиуми беа објавени информации дека институцијата набавува ваков вид осигурување.

Од Собранието велат дека станува збор за неточно и манипулативно претставување на фактите и појаснуваат дека јавната набавка се однесува на систематски, односно превентивни здравствени прегледи.

Според институцијата, станува збор за законска обврска на работодавачот, а не за дополнително приватно здравствено осигурување или привилегија за пратениците и вработените.

Од Собранието се повикуваат на Законот за безбедност и здравје при работа, според кој работодавачот е должен да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку еднаш на 24 месеци. Оваа обврска, како што посочуваат, важи за работодавачите и во јавниот и во приватниот сектор.

Видот, начинот и обемот на прегледите се уредени со соодветна уредба, а прегледите ги врши овластена здравствена установа од областа на медицината на трудот.

„Јавната набавка што ја спроведува Собранието е за конкретни здравствени и превентивни прегледи во рамки на систематскиот преглед, а не за набавка на полиси за приватно здравствено осигурување“, наведуваат од Собранието.

Оттаму прават јасна разлика меѓу приватното здравствено осигурување, кое подразбира осигурителна полиса склучена со осигурително друштво, и систематските прегледи кои работодавачот е должен да ги обезбеди согласно закон.

Собранието посочува и дека ваквите прегледи не се нова практика. Според институцијата, и во претходните години биле спроведувани постапки за набавка на превентивни здравствени прегледи заради исполнување на законските обврски од областа на безбедноста и здравјето при работа.

Од Собранието велат дека ја почитуваат слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана за трошењето на буџетските средства, но апелираат информациите за работата на институцијата да бидат пренесувани точно и целосно.

„Собранието на Република Северна Македонија не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во Собраниската служба. Станува збор за систематски и превентивни здравствени прегледи кои се спроведуваат согласно законска обврска на работодавачот“, се наведува во демантот.

Од Собранието ги повикаа медиумите што ја објавиле, како што велат, неточната или непрецизно формулирана информација да го објават демантот и да извршат соодветна корекција на своите содржини.