Проданоски: Нема директна опасност за Крушевица и Чаниште, сите сили се на терен
Во моментов активни се четири краци од пожарот во Мариовскиот регион, но сите се надвор од населените места и нема директна опасност за Крушевица и Чаниште, ниту за имотите на граѓаните, информира градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
Тој посочи дека особено критична била состојбата околу Крушевица во текот на вчерашниот ден, но со помош на механизација е направен заштитен појас со кој е спречено ширењето на пожарот кон населеното место.
„Во моментов таму гори ниска вегетација“, информира Проданоски.
На терен се ангажирани над 100 лица, меѓу кои противпожарни екипи, припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, доброволни противпожарни друштва, Армијата, ЈП „Национални шуми“, Универзалната единица за заштита и спасување, како и голем број локални доброволци.
Според Проданоски, целосно се ставени во функција сите расположливи оперативни и технички ресурси на Општина Прилеп и надлежните институции.
Во гаснењето на пожарот во неколку наврати биле ангажирани и воздухоплови, но тие привремено се повлечени поради густата концентрација на чад и намалената видливост.
Во однос на причините за избувнувањето на пожарот, градоначалникот вели дека постојат индиции и материјален доказ – видео запис од надзорна камера, кој, како што посочува, упатува дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Очекувам од надлежните институции брза и одлучна постапка, утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот“, порача Проданоски.
Тој ги повика граѓаните да останат спокојни, уверувајќи дека Општина Прилеп е максимално организирана и дека безбедноста на граѓаните и нивниот имот е највисок приоритет.
Проданоски упати благодарност до противпожарните екипи, доброволците, општествено одговорните компании и сите кои деноноќно се на терен и помагаат во справувањето со пожарот.
