Македонија се враќа на Евровизија по пет години: Кој ќе нè претставува во Бургас?
Македонија повторно ќе биде дел од најголемиот европски музички натпревар. По петгодишна пауза, земјава го потврди учеството на „Евровизија 2027“, која следниот мај ќе се одржи во Бургас, Бугарија.
Последното македонско учество на Евровизија беше во 2022 година во Торино, каде земјава ја претставуваше Андреа со песната „Circles“. Оттогаш Македонија не настапуваше на натпреварот, а враќањето во 2027 година го отвора и прашањето кој ќе го добие македонскиот евровизиски билет.
Бургас официјално ќе биде домаќин на „Евровизија 2027“, а натпреварот ќе се одржи во „Арена Бургас“. Полуфиналињата се закажани за 11 и 13 мај, додека финалето ќе се одржи на 15 мај 2027 година.
Градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, веќе најави голем интерес од европските радиодифузери и очекува повеќе од 40 земји да учествуваат на натпреварот. – Повеќе од 40 држави, рекорден број земји, ќе учествуваат следната година – изјави Николов.
Сепак, конечната бројка сè уште не е позната. Доколку на сцената во Бургас настапат меѓу 40 и 43 земји, тоа нема да биде апсолутен рекорд. Најголем број учесници досега – 43 – имало во 2008, 2011 и 2018 година. Конечниот список на учесници допрва треба да биде објавен.
Кој ќе ја претставува Македонија?
По потврдата за враќањето на Евровизија, најголемото прашање во земјава е кој ќе ја претставува Македонија во Бургас.Засега нема официјална информација за начинот на кој ќе биде избран македонскиот претставник. Можно е изборот да биде интерен, но останува отворена и можноста за организирање национален избор или фестивалски формат.
Во јавноста веќе се споменуваат неколку имиња од домашната музичка сцена, меѓу кои Бојан Јовановски, Антониа Гиговска, Ивона Јо, Боби Андонов и Марио Арангеловски.
Доколку Македонија се одлучи за национален избор, тоа би можело да потсети на времето кога „Скопскиот фестивал“ беше една од главните платформи преку кои се избираше македонскиот претставник за Евровизија.
Тамара го држи македонскиот рекорд
Со враќањето на натпреварот, Македонија повторно ќе има можност да го подобри својот најдобар пласман во историјата на Евровизија.
Рекордот и натаму го држи Тамара Тодевска, која во 2019 година во Тел Авив со песната „Proud“ го освои седмото место во финалето. Таа вечер беше особено успешна кај стручното жири и заврши на првото место според нивните гласови.
По пет години отсуство, Македонија во 2027 година повторно ќе ја има евровизиската сцена пред себе. Сега останува да се дознае кој ќе го отпее првиот македонски стих во Бургас и дали враќањето ќе донесе и нов рекорд.
