Проданоски: Прилеп го добива својот прв меѓународен фолклорен фестивал
Со богата фолклорна програма и учество на ансамбли од повеќе држави, Прилеп го најавува првиот Меѓународен фолклорен фестивал „Итар Пејо“, кој има амбиција да стане нова препознатлива туристичка и културна содржина на градот.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека фестивалот ќе биде можност граѓаните и посетителите да се запознаат со културите и традициите на различни народи, но и македонското фолклорно наследство да биде претставено пред гостите од странство.
„Посебноста на фестивалот е можноста да запознаеме нови култури и традиции од различни народи, да уживаме во шаренилото на нивните традиционални носии, песни и игри, а воедно и да ја споделиме нашата богата македонска традиција со светот“, порача Проданоски.
Тој нагласи дека со „Итар Пејо“, Прилеп добива нова сцена за пријателство, уметност и заедништво, со што дополнително се збогатува културната и туристичката понуда на градот.
„Со фестивалот ‘Итар Пејо’, Прилеп станува сцена на пријателство, уметност и заедништво, што е чекор напред во градењето на град со отворено срце и жив дух“, истакна градоначалникот.
Проданоски им посака добредојде на странските гости и на сите учесници на фестивалот, изразувајќи уверување дека ќе имаат можност да го запознаат Прилеп, неговите традиции и туристичките потенцијали.
Фестивалот „Итар Пејо“ има за цел преку фолклорот и културната размена да ги поврзе различните народи и да придонесе за дополнително промовирање на Прилеп како културна и туристичка дестинација.
