Димитриеска-Кочоска: Новата финансиска конструкција ќе ја забрза изградбата на пругата кон Бугарија
Владата останува цврсто посветена на реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти, а во изминатите две години интензивно работи на забрзување на проектите кои биле наследени со застој, како и на започнување нови капитални инвестиции, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа информираше дека денеска се потпишани амандмани на договорите за заем и грант со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со што се создаваат услови за непречено продолжување на реализацијата на железничката пруга кон Бугарија – еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.
„Новата финансиска конструкција за железничката пруга кон Бугарија ја потврдува заложбата на Владата за успешна реализација на проектот“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Според министерката, Владата ќе продолжи да работи на исполнување на стратешките цели, истовремено водејќи сметка за зачувување на стабилноста на јавните финансии.
Таа посочи дека преку одговорно управување со јавните финансии, обезбедување средства за капитални инвестиции и силно партнерство со меѓународните финансиски институции, се создаваат предуслови за одржлив економски раст, поголема конкурентност и побрза интеграција на државата во европските транспортни и економски текови.
