Нов скок на цената на нафтата, проверете го новиот ценовник!
Цените на нафтата на светските берзи повторно забележаа раст и се приближија до нивото од 81 долар за барел. Трговците реагираат со голема претпазливост поради неизвесниот исход од преговорите меѓу Иран и Оман за контролата врз Ормускиот Теснец, но и поради новите извештаи за ракетни напади врз саудиски танкери во Црвеното Море и Аденскиот Залив.
На лондонскиот пазар, цената на барелот попладнево се зголеми за 1,45 долари и достигна 80,90 долари. Во исто време, на американскиот пазар нафтата поскапе за 1,04 долари, со што еден барел се тргуваше за 76,26 долари.
Инвеститорите не се убедени дека евентуалниот нов договор меѓу Иран и Оман може да обезбеди долгорочна стабилност. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, потврди дека двете земји ги усогласиле географските координати за водниот пат низ Ормускиот Теснец.
Сепак, предложениот договор му дава овластување на Техеран целосно да ги контролира бродовите што влегуваат во Персискиот Залив. Аналитичарите потсетуваат на краткотрајниот меморандум од минатата година и предупредуваат дека пазарот ќе ги калкулира ризиците сè додека испораките не се потврдат со цврсти податоци.
Покрај преговорите околу Ормускиот Теснец, дополнителен притисок врз цените создадоа и информациите од Јемен. Движењето Хути објави дека со проектили нападнало саудиски танкер во близина на пристаништето Џанбу во Црвеното Море, како и уште еден танкер во Аденскиот Залив.
Саудиските власти сè уште ги немаат потврдено овие инциденти. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека иако досегашните напади не го прекинаа глобалното снабдување со енергенси, секое дополнително заострување на конфликтот може директно да го загрози сообраќајот низ клучните морски рути.
Податоците од поморскиот сообраќај покажуваат дека извозот на нафта од земјите во Персискиот Залив и понаму стагнира и се наоѓа за околу 40 проценти под нивото од пред воената криза.
