Народна банка: Европската комисија го препозна напредокот во јакнењето на финансиската стабилност
Европската комисија во Извештајот за земјава за 2026 година го оценува банкарскиот сектор како отпорен, со солидна капитализираност, квалитет на кредитното портфолио и профитабилност, соопшти Народната банка.
Според соопштението, во извештајот се препознаени активностите за зајакнување на финансиската стабилност, подобрување на надзорот врз банките и усогласување со европските стандарди.
Посебно внимание е посветено на мерките преземени во услови на забрзан раст на станбените кредити, кредитирањето на градежништвото и цените на недвижностите. Народната банка ги заострила мерките за кредитирање, вклучително и за кредитите обезбедени со недвижност, направила промени во задолжителната резерва и го зголемила капиталниот заштитен слој што банките го издвојуваат за справување со ризиците.
Од институцијата посочуваат дека целта на овие активности е ограничување на ризиците и зачувување на отпорноста на банкарскиот систем.
Како значаен напредок во усогласувањето со европските правила е оценето стапувањето во сила на Законот за решавање банки во јуни 2026 година. Во јули била усвоена и нова методологија за управување со ризикот од каматните стапки во портфолиото на банкарски активности.
Во областа на плаќањата, Народната банка наведува дека земјата е оперативно подготвена за учество во СЕПА-шемите од октомври 2025 година. Во јули 2026 година бил потпишан и договор со Европскиот совет за плаќања за пристапување кон шемата за инстант кредитни трансфери.
Во извештајот се нотираат и активности за подобро управување со ликвидноста, унапредување на инструментите на монетарната политика и следење на климатските ризици. Истовремено, Европската комисија препорачува зајакнување на финансиската независност на Народната банка, во согласност со регулативата на ЕУ.
Од Народната банка порачуваат дека ќе продолжат со активности за одржување на ценовната и финансиската стабилност и натамошно усогласување со европските стандарди.
