Општина Битола: Нова асфалтна површина на „Козара“, се реконструира инфраструктурата кај Здравствениот дом

Македонија

Градежната оператива денеска ја заврши работата на асфалтирањето на улицата „Козара“ во Битола, која е дел од поширокиот проект за реконструкција на четири улици во близина на Здравствениот дом.

Пред поставувањето на новиот асфалт, беше извршена реконструкција на водоводната и канализациската мрежа, проект финансиран од Министерството за транспорт. Асфалтирањето на коловозот се реализира со средства од буџетот на Општина Битола, во вредност од 4 милиони денари.

Новата коловозна површина е со должина од 230 метри, а со реализацијата на проектот се подобрува патната инфраструктура и условите за движење во овој дел од градот.

Од Општина Битола информираат дека поради објективни причини во изминатиот период темпото на реализација било забавено, но активностите продолжуваат согласно најавите на градоначалникот Тони Коњановски.

Во наредните денови се очекува да продолжат градежните активности и на улиците „11-ти Март“ и „Панде Николов“, кои исто така се опфатени со проектот за реконструкција.