ВЛЕН: Изјавата на српската министерка е опасна и неприфатлива

Македонија

ВЛЕН остро реагираше на изјавата на српската министерка за државна управа и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, која во интервју за српска телевизија изјави дека, доколку тогашниот претседател Слободан Милошевиќ имал целосна слобода на дејствување, „етнички ќе го исчистел Косово во 1998 година“.

Во реакцијата, ВЛЕН ја оценува изјавата како скандалозна, неодговорна и опасна, наведувајќи дека таа претставува враќање на, како што велат, расистичка идеологија и навреда за споменот на илјадниците Албанци кои биле убиени, исчезнати или протерани од своите домови за време на конфликтот.

„Ваквите криминални идеологии и фантазии припаѓаат на минатото и никогаш повеќе не смеат да се повторат“, се наведува во соопштението.

Од ВЛЕН посочуваат дека особено загрижува фактот што вакви ставови доаѓаат од министерка во Владата на Србија и висок функционер на партија поврзана со Слободан Милошевиќ. Поради тоа, тие бараат српската Влада јавно да се дистанцира од изјавата, а Европската Унија да реагира со јасен став.

Според ВЛЕН, оправдувањето на етничкото чистење е целосно спротивно на европските вредности и не смее да биде толерирано, релативизирано или премолчено.

Во својата реакција, ВЛЕН нагласува дека останува цврсто посветен на заштитата на историската вистина, достоинството на жртвите, како и на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово.