Проданоски ги повика прилепчани на музичка вечер со Side Quest на Камената бина
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, ги повика граѓаните вечерва да присуствуваат на новата музичка вечер во рамки на проектот „Од 0 до КултурА“.
На Камената бина, со почеток во 21:00 часот, ќе настапи прилепскиот панк-рок и поп-панк бенд Side Quest, млад состав кој со својата енергија, талент и авторски пристап го гради своето место на македонската алтернативна музичка сцена.
„Од 0 до КултурА“ продолжува со уште една одлична музичка приказна, а публиката ќе има можност да проследи музичко патување низ историјата на панк-рокот – од неговите почетоци до современите влијанија, порача Проданоски.
Тој истакна дека целта на проектот е да им се даде простор на локалните бендови и изведувачи да се претстават пред прилепската публика, но и да се збогати културната понуда во градот.
„Да ги поддржиме нашите локални музичари и заедно да уживаме во уште една прекрасна летна вечер исполнета со добра музика и позитивна атмосфера“, порача градоначалникот Проданоски.
