Николоски: Продолжува интензивната изградба на автопатот Прилеп – Битола

Македонија

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, соопшти дека интензивно продолжуваат градежните работи на автопатот Прилеп – Битола, оценувајќи го проектот како еден од најзначајните инфраструктурни зафати во земјава.

Според Николоски, изградбата на автопатот се одвива со засилена динамика на терен, а целта е веќе следната година сообраќајот да се одвива по една коловозна лента.

Тој истакна дека станува збор за најдолгата поединечна делница од автопат што моментално се гради во Македонија и нагласи дека проектот ќе има огромно значење за развојот на целиот пелагониски регион.

„Автопатот Прилеп – Битола станува симбол на развојот на Пелагонија. На терен се работи сè поинтензивно на изградбата на овој стратешки автопат што ќе го поврзе целиот регион и ќе отвори нови можности за развој“, посочи Николоски.

Според него, новата современа сообраќајница ќе овозможи побезбеден и побрз сообраќај, подобра регионална поврзаност, поголема конкурентност на стопанството и ќе претставува силен поттик за економскиот развој на Пелагонија.

Николоски нагласи дека Пелагонија е еден од најважните региони во Македонија, поради што Владата инвестира во модерна патна инфраструктура која ќе придонесе за подобар квалитет на живот на граѓаните, како и за создавање нови можности и перспективи за идните генерации.

Тој порача дека реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти останува еден од приоритетите, со цел подобро поврзување на градовите, побезбеден сообраќај и рамномерен регионален развој.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА