Филков дефинитивно ја напушта Правда – ВМРО ДПМНЕ од Влен го превзема едно од најважните министерства
Уште утре е можно на маса да се најдат конкретни имиња на тие што ќе бидат сменети и тие што евентуално ќе дојдат на нивните позиции во Владата. За доцна попладне или вечерва, како штго дознава „Фокус“, предвидена е уште една серија средби меѓу коалициските партнери во власта на која главна тема е владината реконструкција. Консултациите досега одат добро и затоа е можно, наспроти јавно искажаните најави и од премиерот Христијан Мицкоски и од првиот вицепремиер Беким Сали, дека викендот е временскиот тајминг кога конкретно ќе се зборува за кадровски решенија и позиции, сетоа тоа да заврши порано – утре или задутре, брифира за “Фокус“ функционер од владејачката коалиција кој што е добро упатен во текот на разговорите.
Премиерот Мицкоски вчера навести дека до крајот на неделава треба да бидат познати кадровските решенија и останатите детали од најавената реконструкција на Владата. Тој оцени дека првичните разговори меѓу владините коалициски партнери се одвиваат во конструктивна атмосфера и најавувајќи нови средби во текот на неделата. „Во првите разговори преовладува конструктивен амбиент. Во текот на оваа недела повторно ќе имаме средби, очекувам тие да бидат завршни, а во текот на викендот сето тоа да се формализира и со имиња и со останатите специфики“, изјави Мицкоски.
Мицкоски потврди дека во разговорите се разгледувала и можноста за промена на одредени ресори. Засега не се открива кои министерства би можеле да добијат нови раководства, ниту дали реконструкцијата ќе опфати поширока прераспределба на надлежностите меѓу коалициските партнери.
Вицепремиерот Сали пак во телевизиски настап од синоќа беше малку поконкретен – тој потврди дека во се разговара за промена на ресори, посочувајќи поконкретно дека такво нешто може да се случи со здравство и европски прашања. додека за Правда, ресор што му припаѓа на третиот партнер во власта – ЗНАМ, Сали доста сигурно најави дека ќе дојде нов кадар.
Високи партиски извори од ВЛЕН најавуваат дека ќе дојде до поместување во ресорите, а тие како партија се подготвени да направат и кадровска и ротација на ресорите, за што го потврдиле во преговорите. Сознанијата на „Фокус“ велат дека, наспроти досегашните најави, дека ако се откажат од здравство, во Влен ќе инсистираат да го добијат образование, најновиот тек на разговорите не ја исклучува можноста, ако дојде до смена на министерот Филков во Правда, ресорот да го земе токму албанскиот партнер во власта. Оттаму ниту потврдуваат, но ниту демантираат дека, идејата е токму тие како фактор во власта да ја преземат одговорноста за решавањето на прашањето за полагање на правосудниот испит кое, според сознанијата, се движи кон компромисно двојазично решение.
„Фокус“ дознава дека во ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да го преземат раководењето со Министерството за социјална работа, демографија и млади од каде речиси сигурно ќе си замине Фатмир Лимани, а во најавената рокадата да ги понудат – култура, образование, земјоделство, спорт и политички систем и односи меѓу заедниците, како ресори кои, во зависност од договореното, во еден дел би преминале во рацете на коалициските партнери.
Засега не е прецизирано што е прифатливо за ЗНАМ во целата низа на понуди и предлози за владината реконструкција. Оттаму неколку пати имаат повторено дека се отворени за секаков тип на преговори, но сметаат дека министрите и замениците од нивните редови досега добро си ја вршат работата и затоа нема потреба ниту од рокада на ресори, ниту пак од реконструкција на некој од највисоките владини функционери.
Од комбинаториките што неделава се и ќе се прават , ќе зависи дали ќе има реконструкција на помалку или повеќе од една третина од членовите на извршната власт. Доколку се случи бројката на министри што ќе се променат е поголема тогаш, парламентарната процедура вели дека пратениците за предлогот ќе гласаат како за избор на нова Влада.
