Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Бранислав Николов приредија незаборавна вечер во Благоевград

Македонија

Втората фестивалска вечер на „Crossing Jumaya“ во Благоевград донесе силни емоции, балканска музичка магија и настапи кои уште долго ќе се паметат. По успешното отворање на фестивалот, втората вечер ја потврди неговата амбиција да стане нова културна точка на поврзување меѓу народите и музичките традиции на Балканот.

Вечерта започна со настапот на македонското музичко трио составено од Каролина Гочева, Бранислав Николов и Дуке Бојаџиев. Нивниот проект беше еден од најочекуваните делови од програмата, а публиката ги награди уметниците со долги аплаузи.

Со препознатливиот вокал на Каролина Гочева, поетската длабочина на Бранислав Николов и уникатните аранжмани на светски познатиот композитор Дуке Бојаџиев, концертот ги поведе присутните низ музичко патување исполнето со љубов, носталгија, емоции и балкански дух.

Посебен момент на вечерта беше обраќањето на градоначалникот на Благоевград Методи Бајкушев и градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски, кои испратија пораки за културно поврзување, пријателство и соработка меѓу двете соседни земји.

Градоначалникот на Делчево истакна дека Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Бранислав Николов се меѓу највредните имиња на современата македонска музичка сцена, посочувајќи дека нивното творештво, заедно со наследството на Тоше Проески, претставува едно од најубавите културни богатства што Македонија ги има подарено на регионот.

По македонскиот настап, на сцената се искачија бугарските музичари од „Kottarashky & Sando“, кои со својот препознатлив спој на урбани звуци, електроника и традиционален фолклор создадоа уникатна атмосфера и уште еднаш покажаа зошто се едни од најоригиналните музички проекти во регионот.

Фестивалската вечер заврши со спектакуларниот настап на романската група „Subcarpați“, која со енергичниот спој на хип-хоп, етно музика и модерна продукција ја крена публиката на нозе и стави впечатлив печат на пилот-изданието на фестивалот.

„Crossing Jumaya“ уште во своето прво издание покажа дека музиката навистина нема граници. Со уметници од Македонија, Бугарија и Романија, фестивалот испрати силна порака за поврзување, културна размена и заедничка балканска иднина преку уметноста.

Настапот на Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Бранислав Николов беше еден од врвните моменти на фестивалот и уште една потврда дека македонската музика има свое заслужено место на големите регионални сцени.