Спомен-куќата на Тоше Проески повторно ќе одекнува со звуците на класичната гитара – започнува 17. издание на „П.С. Гитар Фест Крушево“

Дали Знаете, Македонија, Сцена

Меѓународниот фестивал на класична гитара „П.С. Гитар Фест Крушево“ ќе се одржи по 17-ти пат

Годинава по седумнаесетти пат ќе се одржи меѓународниот фестивал на класична гитара „П.С. Гитар Фест Крушево“, кој од 19 до 21 јуни 2026 година повторно ќе го претвори Крушево во вистински храм на гитарската уметност, музичката инспирација и културната возвишеност.

Во единствениот амбиент на Спомен-куќата на Тоше Проески, фестивалот и оваа година ќе понуди три незаборавни дена исполнети со врвна музика, исклучителни уметнички доживувања и маестрални интерпретации од еминентни гитарски уметници и млади музички надежи.

Концертната програма започнува на 19 јуни во 20 часот со настап на истакнатиот српски гитарист Милош Вуковиќ, уметник чија виртуозност и музичка чувствителност ја воодушевуваат публиката каде и да настапува. На 20 јуни во 20 часот љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во настапот на романското дуо „Артисимо“, ансамбл препознатлив по својата извонредна музикалност и сценска енергија.

Фестивалот ќе биде заокружен на 21 јуни во 12 часот со финалниот концерт на учесниците од школата за гитара, под менторство на м-р Васко Пиличев. Овој концерт ќе претставува вистинска прослава на младоста, талентот и иднината на гитарската уметност, а публиката ќе има ретка можност да ужива во посебни гитарски аранжмани и интерпретации на некои од најголемите хитови на Тоше Проески, изведени од младите учесници на фестивалот. На овој начин, преку звуците на гитарата ќе биде оддадена почит кон музичкото наследство на нашиот незаборавен музички великан.

Низ годините, „П.С. Гитар Фест Крушево“ се изгради во еден од најпрепознатливите и најпочитуваните музички фестивали од ваков вид во регионот, препознатлив по својата посветеност кон врвните уметнички вредности, музичката едукација и поддршката на младите таленти. Фестивалот претставува место каде што се среќаваат искуството и младоста, традицијата и иднината, уметноста и љубовта кон музиката.

Особена вредност и значење на фестивалот му дава поддршката и покровителството на семејството Проески, чија поврзаност со оваа културна манифестација претставува искрен израз на почит кон музиката, уметноста и наследството што го остави Тоше Проески.

Приказната на фестивалот започнува со неговиот идеен творец, сега веќе покојниот Христо Христоски – Мулар, исклучителен музички педагог, вљубеник во гитарата и човек кој остави длабока трага во музичкото образование во Македонија. Токму тој беше еден од првите учители по музика на Тоше Проески, препознавајќи и негувајќи го неговиот талент уште од најраните години. По неговото заминување, благородната мисија ја продолжи неговиот син Перо Мулар, кој со истата љубов, посветеност и визија го развива фестивалот и го чува неговиот автентичен дух.

Не е случајно што „П.С. Гитар Фест Крушево“ се одржува токму во Спомен-куќата на Тоше Проески. Овој простор носи силна симболика и емоција, бидејќи ги поврзува животната и музичката приказна на Тоше со делото на неговиот учител Христо Христоски – Мулар. Гитарата беше еден од омилените инструменти на Тоше, а фестивалот што го создаде неговиот учител денес претставува живо сведоштво за трајната врска меѓу музиката, пријателството, знаењето и инспирацијата.

Токму затоа, овој фестивал е многу повеќе од концертна манифестација. Тој е празник на музиката, место каде што се создаваат нови пријателства, се разменуваат искуства и се раѓаат нови уметнички соништа. На едно место ги собира најдобрите гитарски уметници и младите вљубеници во класичната гитара, продолжувајќи ја визијата на својот основач и збогатувајќи го културниот живот на Крушево и Македонија.

Сите концерти се со слободен влез.

Ги покануваме сите љубители на уметноста, музиката и убавината да бидат дел од ова единствено музичко доживување и заедно да уживаме во звуците на класичната гитара, во магичната атмосфера на Крушево.

Добредојдовте на XVII Меѓународен фестивал на класична гитара „П.С. Гитар Фест Крушево“ 2026 – место каде музиката зборува со срцето.