МИЦКОСКИ: Секој штедач и доверител на Алта банка ќе биде обесштетен до последниот денар
Сите штедачи и доверители на „АЛТА банка“ АД Битола ќе бидат обесштетени до последниот цент, дури и ако банката заврши во стечај, уверува премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи две можни сценарија за надминување на состојбата – продажба на банката на нов сопственик или отворање стечајна постапка доколку не се најде купувач. Одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, Мицкоски рече дека пронаоѓањето купувач ќе биде тешко и ја обвини опозицијата дека со своите настапи ги одвраќа потенцијалните инвеститори.
Сакам да бидам многу јасен. Можни се две сценарија. Првото сценарио е да се обезбеди купувач, што ќе биде многу тешко. Гледате што прават, држат прес-конференции пред Народната банка и ги одвраќаат потенцијалните можни купувачи кои ќе ја консолидираат банката – рече Мицкоски.
Според него, доколку не се најде купувач, банката би можела да ја изгуби лиценцата и да влезе во стечај. Премиерот тврди дека, според проверките со кои располага Владата, меѓу 95 и 96 проценти од штедачите имаат влогови до 30.000 евра, кои се покриени со законската гаранција за осигурени депозити.
Да бидат спокојни, до цент, до денар ќе им бидат вратени. Останатите коишто ќе влезат во стечајната маса, а тоа се неколку стотини, исто така да бидат спокојни. Зошто? Затоа што активата на банката е многу поголема отколку што се побарувањата, можеби два до трипати е поголема – изјави Мицкоски.
Тој уверува дека државата располага со инструменти за заштита на штедачите и компаниите, но не изнесе конкретен механизам со кој би се гарантирала целосна исплата на сите побарувања во случај на стечај. Мицкоски се осврна и на преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската „АЛТА банка“, нагласувајќи дека станувало збор за трансакција меѓу приватни сопственици. Според неговото објаснување, преземањето било спроведено преку јавна аукција, по претходно завршени законски процедури и позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои Комисијата за хартии од вредност и Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Банката ја купува приватно лице, приватна банка од приватни сопственици. Трансакцијата се прави во Народната банка, а не во Владата и нема потреба Владата да биде информирана, ниту Министерството за финансии да биде информирано – рече премиерот.
Тој објасни дека државата, преку јавни претпријатија, поседувала мал дел од акциите во Стопанска банка Битола, но не ги продала за време на аукцијата поради законските ограничувања во периодот на локалните избори. По завршувањето на изборите во 2025 година, Владата им препорачала на јавните претпријатија да ги понудат своите акции на новиот сопственик, бидејќи државниот удел изнесувал само два до три проценти.
