Раштиманиот оркестар на Филипче го загрижи и Костадинов: На СДСМ очајно му треба консолидација
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, се огласи на социјалните мрежи откако Рубин Земон поднесе оставка од Извршниот одбор на СДСМ, оценувајќи дека актуелните настани се уште еден показател за последиците од, како што вели тој, „играњето кадровски рулет“ во политиката.
Во објавата, Костадинов нагласи дека на СДСМ му е потребна внатрешна консолидација, наместо, како што тврди, ад хок комбинаторики во пресрет на локалните избори.
„Актуелните настани се јасен доказ колку е скапо да се игра кадровски рулет во политиката, класично дежа ви на Струмица во пресрет на локалните избори. На СДСМ итно му е потребна внатрешна консолидација, а не ад хок комбинаторики“, напиша Костадинов.
Тој нагласи дека неговата реакција не е насочена лично против Рубин Земон, кого го нарече свој пријател, туку дека станува збор за стратегија и принципи.
„Апсолутно немам намера да ја навредам личноста или постапките на Рубин Земон. Ова е проблем на стратегијата и принципите, а не на поединецот“, додаде Костадинов.
Рубин Земон минатата недела поднесе оставка од Извршниот одбор на СДСМ, откако во јавноста беше објавена фотографија на која е во друштво на Виктор Стојанов, претседателот на таканаречената „Фондација Македонија“.
