Димитровски: „Битфест“ и „Зимска приказна“ се позитивен пример за целата држава

Македонија

Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, реагираше на, како што вели, „неумесните“ критики од советник во Советот на Општина Битола, кој во спонзорирано видео на социјалните мрежи ги поврзал зборовите „фекалии“ и „култура“, алудирајќи на културните манифестации во градот.

Димитровски порача дека е „лошо да се лаже, посебно кога фактите и делата говорат повеќе од зборовите“, нагласувајќи дека Битола заслужува современа инфраструктура, но и врвна култура, спорт, здравство и образование.

Тој посочи дека Општина Битола изминатите четири и пол години работи на рамномерен развој на сите полиња, додавајќи дека во буџетот за 2026 година за инфраструктура се предвидени над 900 милиони денари, додека за култура се издвоени нешто помалку од 40 милиони денари, што, според него, е 22 пати помалку или околу 1,9 проценти од вкупниот буџет.

„Поентата на видеото е опасна замена на тези дека прво требало сè да се среди во градот, па потоа да има култура и уметност“, наведува Димитровски.

Тој ги истакна зимскиот фестивал „Зимска приказна“, „Битфест“, како и бројните културни манифестации и настани организирани од институции и здруженија на граѓани, кои се поддржани од Општина Битола.

Димитровски потенцираше дека културниот идентитет на Битола е препознаен и надвор од државата, потсетувајќи дека веб-страницата Timeout неодамна го вброила градот меѓу топ 5 европски локации што вреди да се посетат.

„Почитувањето на вредностите на сопствениот град е причина повеќе за да бидеме почитувани во европски и светски рамки“, истакна Димитровски.