Зафиров за вардаровите играчи: Децата што денес ги гледаат фудбалерите, утре ќе мислат дека така треба да се однесуваат шампионите
Професионалниот бодибилдер, фитнес тренер и дипломиран психолог Тоше Зафиров со осуда за вардаровите играчи – репрезентативци и нивниот селекторот Гоце Седлоски.
– Искрено, како човек кој целиот живот е во спортот, многу ме разочара тоа што го видов деновиве. Да освоиш титула е чест. Да го носиш дресот на Вардар е одговорност. Да бидеш спортист значи да бидеш пример за младите генерации. Навивање, емоции, славење — сè е тоа нормално. Но, навредување на луѓе, градови, жени, сограѓани е нешто сосема друго, порача тој и додава:
– Ги навредуваме нашите православни браќа и сестри од Битола. Ја навредуваме една Каролина Гочева, која е синоним за македонската уметност, македонската музика и македонската култура; личност која опстојува децении на македонската сцена и е еден од најголемите промотори на македонските вистински вредности. Навистина е жално.
Вардар е преголемо и свето име за македонскиот спорт за да се валка со навреди, омаловажување и ниски страсти. Спортот треба да нè обединува. Спортот треба да создава почит и да гради карактер. Затоа што децата што денес ги гледаат фудбалерите, утре ќе мислат дека така треба да се однесуваат шампионите. А вистински шампион не е само тој што победува на теренот, туку и тој што знае да победи со достоинство.
Како што споделува Зафиров, да бидеш спортист значи и да знаеш како да се однесуваш.
Вардар е премногу големо име за навреди, омаловажување и ширење омраза.
– Вистински шампион не е само тој што победува на терен туку и тој што знае да покаже достоинство надвор од него, гласи неговата порака по бурата реакции за недоличната прослава на играчите на Вардар.
