Ракометот ја обедини Битола: Сите советнички групи го поддржаа предлогот на Бојкоски
Како дополнителна точка на дневниот ред на денешната 12-та седница на Советот на Општина Битола, претседателот на Советот Бојан Бојкоски ја предложи одлуката за давање согласност за продолжување на периодот на времетраење на Договорот за уредување на капиталната и управувачка структура помеѓу РК „Еурофарм Работник“ АД Битола и РК „Пелистер“ АД Битола, односно продолжување на ракометната платформа чекор кој значи континуитет, стабилност и понатамошен развој на ракометната платформа која донесе резултати, успеси и гордост за нашиот град.
„Битола живее за ракометот. Оваа платформа покажа дека со визија, партнерство и посветеност може да се создаде силен и конкурентен клуб, препознатлив и дома и на европска сцена. Очекувам поддршка од сите советнички групи, затоа што кога станува збор за интересот на Битола, спортот и младите генерации треба да бидеме обединети. Ракометот не смее да биде тема на поделби, туку заедничка инвестиција во иднината на Битола. Ракометот е гордост на Битола, заеднички да продолжиме да го градиме успехот“ рече Бојкоски во објаснувањето на предлог точката.
Советот едногласно го усвои овој предлог за продолжување на ракометната платформа.
