Тоневски: Од непроодни патишта до модерна инфраструктура во Пробиштип

Македонија

Градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, во вчерашното гостување на ТВ Стар информираше за тековни инфраструктурни зафати во општината, опфаќајќи и урбани и рурални проекти.

Во делот на руралната инфраструктура, во тек е целосна реконструкција на патниот правец помеѓу селата Долни и Горни Стубол, кој со години претставувал сериозен проблем за локалното население.

„Се работи на целосна реконструкција на тој патен правец којшто беше речиси и непрооден за лесни возила“, изјави Тоневски.

 

Паралелно, како што посочи, во завршна фаза е и патниот правец кон селото Кундино, со што се подобрува поврзаноста и условите за движење во руралните средини.

Истовремено, општината реализира зафати и во централното градско подрачје. Започната е реконструкцијата на улицата „Ленинов плоштад“, една од најстарите улици во Пробиштип, каде се задржува нејзиниот препознатлив изглед.

„Се работи за една од најстарите улици во Пробиштип којашто е единствена со базалтни коцки и ние се потрудивме да останат тие базалтни коцки“, истакна градоначалникот.

Тој додаде дека реконструкцијата е насочена кон техничко подобрување, без нарушување на автентичноста.

„Се работи само на нивно прередување“, посочи Тоневски.

Проектот опфаќа и уредување на тротоарите, ново улично осветлување и подобрување на инфраструктурата, со цел поголема безбедност и функционалност во центарот на градот. Со овие активности, Општина Пробиштип паралелно работи на модернизација на урбаниот простор и подобрување на патната инфраструктура во руралните средини, со фокус на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.