Скопје – Атина за пет часа: Николоски најави железничка револуција

Македонија

Македонија се подготвува за значајна модернизација на железничката инфраструктура со изградба на брза пруга на Коридорот 10, по која возовите ќе се движат со брзина до 200 километри на час, најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, Николоски истакна дека проектот претставува стратешка инвестиција со која земјата ќе добие ново геостратешко значење во регионот.

Тој нагласи дека планот предвидува целосна изградба на брза железница од границата со Србија до границата со Грција, наместо делумна реконструкција како во претходните проекти.

„Сакаме да изградиме брза пруга од границата со Србија до границата со Грција. Ова е повеќе од економски проект, ова е стратешки проект кој ја позиционира Македонија како важна алка меѓу Атина и Будимпешта“, изјави Николоски.

Проектот се реализира во рамки на стратешко партнерство со Велика Британија, а во подготовките се вклучени и меѓународни компании кои работат на студии и анализи.

Според првичните проценки, патувањето од Скопје до Атина со брзата пруга би траело околу пет часа, додека дел од карго сообраќајот би можел да започне да функционира во периодот 2028–2029 година.

Целосната функционалност на патничкиот железнички сообраќај се очекува до 2031 година.

Николоски додаде дека паралелно се работи и на набавка на нови возови и локомотиви, како и на обука на кадар за работа со модерната железничка технологија.

„Најважно е да имаме обучени луѓе кои ќе знаат да управуваат и одржуваат ваков систем“, истакна министерот.