БЕА ЗЛАТНИ ДЕЦА: Херојски обид на 22 годишни браќа близнаци заврши со фатален крај

Живот

Голема трагедија ја потресе Италија, откако двајца браќа близнаци на возраст од 22 години го загубија животот од струен удар додека се обидувале да спасат птица.

Несреќата се случила во шумско подрачје во општината Маџионе, во провинцијата Перуџа. Според информациите на италијанските медиуми, браќата Франческо и Џакомо Фиерлони тренирале ловечки гулаби, кога една од птиците се закачила на далновод на височина од околу 10 метри.

Во обид да ја спаси птицата, едниот брат користел метална прачка и случајно допрел жици под напон од околу 20.000 волти, при што веднаш починал. Другиот брат се обидел да му помогне, но и тој бил погоден од струен удар и трагично го загубил животот.

Телата на младите момчиња биле пронајдени од нивниот татко, брат и вујко, откако тие не се вратиле дома. Итните служби се обиделе да ги реанимираат, но без успех, а пристапот до местото бил отежнат поради непристапниот терен.

Градоначалникот на Маџионе изрази длабоко сочувство до семејството, опишувајќи ги близнаците како „златни момчиња“ и вредни луѓе кои биле сакани во заедницата.

Надлежните служби ја истражуваат целата несреќа, која ја зави локалната заедница во црно.