Таравари бара отстранување на терминот „албански терористи“ од спомен-плочата за загинатите кај Вејце
Продолжија реакциите кај партиите од албанскиот блок откако министерот за одбрана, Владо Мисајловски положи цвеќе на спомен-плочата на баталјонот за специјални сили во касарната „Илинден“, поставена во спомен на загинатите специјалци и полицајци во масакрот кај Вејце во 2001 година.
Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари смета дека УЧК и нејзините борци не се терористи и бара веднаш да се смени натписот на плочата. Според него, текстот на обележјето не е во приватен музеј, ниту на веб-страница на екстремистичка група, туку се наоѓа на територијата на, како што вели, државна касарна на мултиетничка држава, каде што секојдневно служат војници, офицери и генерали, од кои некои се Албанци.
„Кога министер на мултиетничка држава, а не приватно лице, положува цвеќе и оддава почит на спомен-плоча каде што јасно е видлив терминот „албански терористи“, тој со тоа ги навредува своите сограѓани идентификувајќи ја етничката припадност како криминална карактеристика. Ова, според кој било меѓународен стандард, е шовинистички и дискриминаторски јазик што мора да биде санкциониран“, порачал Таравари, кој жали поради тоа што на спомен-плочата има реченица која гласи: „Паднати во војна против албанските терористи“.
