Еве кои ѕвезди ќе ги слушаме на Макфест – некои од нив одамна не сме ги виделе на сцена
Штип и годинава ќе биде центар на македонската забавна музика. На 30 и 31 октомври, градот ќе биде домаќин на 41. издание на фестивалот „Макфест“. Повеќе од четири децении фестивалот е место на кое се среќаваат различни музички генерации, се претставуваат нови композиции и се создаваат песни што продолжуваат да живеат и по завршувањето на фестивалските вечери.
Овогодишното издание носи нови музички содржини и авторски остварувања зад кои стојат докажани имиња од домашната музичка сцена. Рефрените од новите композиции веќе ја најавуваат музичката понуда на овогодишниот фестивал, на кој препознатливиот дух на „Макфест“ повторно ќе се сретне со нови идеи, различни стилови и интерпретации.
„Макфест“ со години има значајно место во музичкиот живот на Штип, но и во пошироката македонска културна сцена. Неговата вредност е во континуитетот, можноста за афирмација на авторите и изведувачите, како и во создавањето песни што преку фестивалот го започнуваат својот пат до публиката.
Во пресрет на овогодишното издание, за значењето на „Макфест“ за Штип, како и за новините и музичката програма што ја носи фестивалот, зборуваат градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и уметничкиот директор на фестивалот, Роберт Саздов.
Градоначалникот на Штип истакна дека градот и оваа година ќе биде центарот на културните и музичките случувања во земјава, во знакот на одржувањето на фестивалот „Макфест“: „Фестивалот претставува значаен белег на градот, но и важен дел од македонската музичка традиција, кој со децении ги обединува музичките имиња, публиката и љубителите на македонската забавна музика“, посочи Јорданов.
За музичката содржина на фестивалот, Саздов истакна:
„Оваа година имаме навистина одлична програма. Имаме неколку учесници коишто за првпат ќе настапат, но имаме и истакнати македонски музички имиња што ќе бидат дел од единствениот фестивал на забавни мелодии“.
Со 41. издание, „Макфест“ ја продолжува традицијата на фестивал што оставил значаен белег во историјата на македонската забавна музика и продолжува да отвора простор за нови песни и музички имиња. На 30 и 31 октомври, фестивалската сцена во Штип повторно ќе биде местото каде што новите композиции ќе ја сретнат публиката и ќе започнат да ја пишуваат својата приказна.
