Се зголемува старосната граница за пензионирање

Балкан, Дали Знаете

Во Црна Гора од 24 април, стапуваат во сила измените на Законот за работни односи, со кои старосната граница за пензионирање се зголемува од 66 на 67 години.

Оваа одлука директно ќе влијае врз голем број работници и веќе предизвика силни политички и општествени реакции во земјата. Според образложението на властите, мерката има за цел да го прилагоди системот на потребите на пазарот на трудот, но и да одговори на барањата на синдикатите, кои биле вклучени во процесот на подготовка на законските измени.

Заменик-претседателот на парламентот и пратеник од Бошњачката партија, Мирсад Нурковиќ, изјави дека новата старосна граница е резултат на направени анализи и постигнат договор меѓу засегнатите страни. Тој нагласи дека целта е да се обезбеди баланс меѓу интересите на работниците, институциите и економијата.

Измените се однесуваат и на приватниот и на јавниот сектор, со одредени исклучоци во делови од јавната администрација, а нивната примарна цел е зајакнување на стабилноста на системот и поефикасно искористување на работната сила.

Со новите правила, работниот однос ќе може да трае до 67-годишна возраст, под услов работникот да има најмалку 15 години работен стаж – што претставува значајна промена во однос на досегашната пракса.

Воведувањето на мерката отвори широка јавна дебата во Црна Гора. Дел од јавноста и опозицијата изразуваат загриженост за последиците, додека Владата ја брани како неопходен чекор за долгорочна стабилизација на пензискиот систем.