ВЛЕН: Време е за одговорност по долгогодишното владеење на ДУИ

Македонија

Коалицијата ВЛЕН упати остри обвинувања кон ДУИ, оценувајќи дека партијата по две децении власт се соочува со последиците од, како што велат, долгогодишни манипулации и неисполнети ветувања.

Според ВЛЕН, ДУИ во изминатите 20 години била дел од власта со различни политички партнери, но, како што наведуваат, конкретни и суштински резултати за правата на Албанците изостанале. Наместо системски решенија, според нив, биле оставени „половични мерки“ кои служеле како покритие за, како што тврдат, криминално богатење на партиски функционери.

Од коалицијата ја критикуваат и реториката на лидерот Али Ахмети, оценувајќи дека тврдењата оти европскиот пат и меѓународните партнерства зависат од учеството на ДУИ во владата се „очајнички обид за политичка релевантност“.

 

Во соопштението се споменува и поранешниот функционер Артан Груби, за кого ВЛЕН тврди дека „како црна кутија“ располага со информации што, според нив, создаваат притисок врз актуелни партиски структури.

ВЛЕН оценува дека ДУИ веќе ја платила цената за ваквите политики на локалните избори, но дека, како што велат, „сѐ уште не извлекла поука“. Од коалицијата додаваат дека тие нудат поинаков пристап во решавањето на прашањата од интерес за Албанците, базиран на, како што велат, реални и одржливи политики.