Села револтиран: Во Владата и министерствата албанскиот јазик се користи 0%
Алијанса за Албанците (АШ), предводена од Зиадин Села, упати остри критики до актуелната власт и претседателот на Собранието, Африм Гаши, нарекувајќи ги „смешни“ пофалбите за наводната 100% имплементација на Законот за употреба на јазиците во законодавниот дом.
Од партијата на Села потсетуваат дека Африм Гаши во минатото изјавуваше дека албанскиот јазик не е официјален, а денес се обидува да се претстави како негов „целосен спроведувач“.
Борбата на пратениците наспроти „заслугите“ на Гаши
Според АШ, каков било напредок во Собранието во однос на двојазичноста не е резултат на волјата на Гаши, туку на постојаниот притисок и блокадите од нивните пратеници.
„Ако има некаков напредок во Собранието, тоа е само кај материјалите и тоа поради нашето одбивање и обврската на секоја седница да ни се обезбедат материјали и на албански јазик. Тоа е резултат на блокадите на пратеничката Илири Даути, реакциите на Елми Азири и долгогодишната битка на нашиот лидер Зиадин Села, кој во 2017 година го постави овој закон како услов за формирање Влада“, се вели во соопштението.
Скандалозни грешки во преводот: „Јужна Македонија“?
Партијата укажува и на сериозни пропусти во официјалната документација потпишана од Собранието. Тие тврдат дека во преводите на албански јазик се појавуваат „скандалозни пропусти“ каде името на државата е преведено како „Macedonia e Jugut“ (Јужна Македонија).
Дилема: Од АШ прашуваат дали станува збор за ненамерен пропуст или пак за „предупредување за правење на Северна Македонија дел од ‘Српскиот свет’ (Јужна Бановина)“.
Потпис: Дополнително, тие го обвинуваат Гаши дека одбива да се потпишува на материјалите на албански јазик, со што практично не го признава законот за кој неговите соработници се фалат.
