Малопродажните цени благо пораснале за 0,43%, маржите намалени за 0,48% – сигнал за стабилизација
Малопродажните цени во Македонија бележат минимален пораст од 0,43 проценти во анализираниот период, покажуваат најновите податоци од Министерството за економија и труд, изработени во соработка со Државниот пазарен инспекторат.
Анализата опфаќа 55 најпродавани прехранбени и непрехранбени производи, следени во четири трговски синџири со различно ценовно позиционирање, во периодот од 1 февруари до 1 април 2026 година. Резултатите укажуваат дека, и покрај растот на набавните цени од 1,01 процент, крајните продажни цени останале релативно стабилни.
Во исто време, просечната бруто-профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28 проценти на 15,80 проценти, што според надлежните институции значи дека дел од ценовниот притисок е апсорбиран од трговците, со цел да се задржи стабилноста на цените за граѓаните.
Кога станува збор за поединечните категории производи, кај основните прехранбени производи е регистриран благ пораст од 0,45 проценти, при што најголемо зголемување има кај киселото млеко, сирењето, јајцата и маслото.
Од друга страна, кај безалкохолните пијалаци е евидентиран пад на цените од 1,01 процент, додека кај овошјето и зеленчукот има намалување од 0,86 проценти, и покрај порастот на цените кај доматите и кромидот.
Во делот на непрехранбените производи, односно кај основните хигиенски производи, е забележан пораст на цените од 1,42 проценти.
Министерството за економија оценува дека движењата на цените во анализираниот период се умерени и под контрола, а како главна причина се посочува намалувањето на трговските маржи.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат активно да ги следат состојбите на пазарот и, доколку има потреба, ќе предложат соодветни мерки за дополнителна стабилизација на цените, со цел заштита на животниот стандард на граѓаните.
