Адеми кој дрско и се обрати на министерката Јаневска денес се жали на бројни закани од македонски граѓани

Македонија, Политика

Новинарот Невриј Адеми ги отфрли обвинувањата дека со заканувачки или навредлив тон ѝ се обратил на министерката за образование и наука Весна Јаневска кога пред неколку дена на настан во Тетово ѝ се обрати со зборовите „Ти кажавме кога ќе доаѓаш во Тетово да земеш преведувач“.

Toj во објава на Фејсбук адресирана до премиерот Христијан Мицкоски вели дека обвинувањата кон него се обид да се одвлече вниманието од суштинскиот проблем.

„Неприфатливо е јавна функција, избрана со гласови и платена од даноците на граѓаните, да ја избегнува одговорноста да комуницира на јазикот на секој граѓанин на оваа земја. Моето барање е едноставно и фер: почитување на мојот мајчин јазик – албанскиот. Наместо да одговорат на ова елементарно барање, тие се обидуваат да ме етикетираат и дискредитираат. Ова не е само неправедно, туку е и јасен показател за недостатокот на волја за еднаквост и институционално почитување“, пишува Адеми во објавата на Фејсбук.