ИНТЕРВЈУ Проф. д-р. Живорад Томовски: За ова не се боревме!

Интервјуа

МКДенес објавува ексклузивно интервју со Професорот Живорад Томовски е веќе една година вработен на Универзитетот во Острава, Чешка Република. Повеќе од 20 години беше дел од Универзитетот Св.Кирил и Методиј, каде докторирал во 2000 год, а од 2010 год. е избран за редовен професор.

Интервјуто е направено преку електронска комуникација, со оглед да професорот веќе живее и работи во Чешка.

МКДенес: Професоре Томовски, Вие сте познат по Вашиот силен ангажман против режимот на Груевски. Дали денес се исполнети Вашите заложби?

ЖТ: Точно е дека посветено дејствував против режимот на Груевски, со надеж дека ќе се подобри состојбата во високото образование во Македонија. Но за жал со доаѓањето на новата власт на СДСМ, состојбите останаа лоши или забегаа во погрешен правец. Ова што денес го имаме во Македонија, не е тоа за кое се боревме и кое го очекувавме. Нашите идеи беа сосема поинакви.

МКДенес: Дали имавте некое предходно искуство, кое очекувавте да се имплементира во Македонија?

ЖТ: Секако дека не зборувам на памет или за желби без конкретни проекти. Долги години сум активен во полето на науката, надвор од границите на Македонија, работејќи на повеќе проекти на универзитети низ Европа, како Германија, Холандија, Австрија, Хрватска итн. Сите тие меѓународни проекти, таа соработка на професионално ниво, дава можност да направиш нешто плус за универзитетот во кој работиш или областа каде професионално дејствуваш.

МКДенес: Професоре, денес работите на странски универзитет, го напуштивте УКИМ?

ЖТ: Точно е тоа, од минатата година бев избран за професор на департментот за математика на Универзитетот во Острава, Чешка Република. Одлучив да ја прифатам таа промена и да заминам во странство, зашто во Македонија веќе нема доволно простор за вистинска наука. За жал моите УКИМ и ПМФ го достигнаа дното. Не можев повеќе да се помирам со состојбите. Борбата која на факултетот и универзитетот ја водев сам, нивото на колегите – медиокритети, прилагодливи на секоја ситуација и власт, без интегритет да се спротистават, дополнително ме разочара.

МКДенес: Дали тоа беше клучно или генерално разочарување од состојбите во државата?

ЖТ: Јас одлучив понатамошната кариера да ја продолжам во европска средина, каде се цени и вреднува научната работа. Тоа кај нас не е случај. Науката е мојот мотив за работа, а не партиското полтронство. Не ме мотивираат функции и власт. Еве сеуште размислувам дали да ја прифатам понудената шефовска позиција на катедрата за математика во Острава.

МКДенес: Кои се можностите за наука во европските држави?

ЖТ: Далеку над оние во нашата Македонија, за жал. Тука имаме и ресурси и слобода да истражуваме и создаваме нови научни резултати. Неодамна во печат се појави мојата втора монографија, во издание на престижната издавачка научна куќа Спрингер во Европа, за која се надевам дека ќе доживее промоција и во Македонија. Автор сум на повеќе од 100 научни трудови во престижни меѓународни научни списанија, со импакт фактор од полето на чиста и применета математика.

МКДенес: Професоре, дали целосно кренавте раце од Македонија?

ЖТ: Никако и никогаш. Македонија е мојата татковина, а тоа што науката е избркана од таму, не значи дека научниците сме се откажале од својата родна земја. И покрај одлуката да заминам од Македонија, спремен сум да помогнам на наши студенти, докторанти, доколку пројават интерес да студираат или да се усовршуваат во Европа. Останувам посветен на студентите, како одговорен професор со потекло од Македонија.

МКДенес: Дали би се ангажирале дополнително во некоја област во Македонија, особено во политиката?

ЖТ: Веќе сум член во комисијата за избор на млад научник на годината во Македонија, која ја доделува претседателот на Република Македонија. За политиката е тешко да се каже од оваа дистанца. Шест години бев член и активист на СДСМ во најмрачното време на грујовизмот, кога масовно ја напуштаа таа партија и беше срамно да кажете дека сте дел од СДСМ.

Драго ми е што дадов свој придонес во борбата против грујовизмот, но за жал и новата власт на СДСМ не ги исполни моите очекувања. Имено, со погрешниот старт, лошите кадровски политики, високата корупција, јасно ми стана дека нема да се случат промени кон подобро. Туку напротив, некаде состојбите се влошија. Јас бев првиот кој бурно и негативно реагирав против поставувањата на Кочо Анѓушев и Драги Рашковски во владиниот тим, како и за таканаречените советници, поставени од улица.

МКДенес: Професоре Томовски, сега откако СДСМ ја изгуби вашата поддршка, дали размислувате за друга опција?

ЖТ: Минатата година за време на парламентарните избори, својата поддршка ја дадов на Македонски концепт (МК). Лично како професор со огромно искуство, сметам дека МК е младо и надежно политичко движење на нашите простори, кое доста ветува и многу може да придонесе на чело со Петар Богојески. Јас искрено верувам во неговите политики, ставови и убедувања, како млад и образован политичар кој длабоко ги познава историските состојби на македонскиот народ кај нас и нашите соседи.

Петар Богојески искрено и пожртвувано се бори за Македонија, секогаш има незавни и издржани ставови кои транспарентно и храбро ги изнесува во јавност. Познавајќи го повеќе од 15 години, тој живее за политиката и секогаш е на страната на правдата и европските вредности. Богојески е човек кој потекнува од работничко семејство, кој сам се изборил во животот, без позадина, почнувајќи од школските клупи, па до денес. На претстојните локални избори мојата поддршка ќе оди во прилог на Македонски Концепт. Апелирам масовно да се поддржи ова движење, со надеж дека ќе прерасне во политичка партија, една од водечките, која во скора иднина ќе ја превземе власта во Македонија.

МКДенес: Професоре, Ви благодариме и остануваме отворени за сите Ваши понатамошни ставови.

ЖТ: Благодарам на можноста.